Friday , March 22 2019
Home / Latest Articles / Игор Спиров – Зизи се враќа на тркачките патеки оваа сезона

Игор Спиров – Зизи се враќа на тркачките патеки оваа сезона

Македонскиот моторциклист Игор Спиров после пауза од една година се враќа на тркачките патеки

Игор Спиров после една година пауза продолжува со неговото учество во БМУ Европскиот шампионат каде застана во 2017 година кога успеа да дојде до Вице шампионската титула во класата F1000 во која се префрли од класата F600.

Како што е општо познато, финасиите се најголемиот проблем бидејќи се потребни во големи количини ако сакате да се посветите и да направите резултат. Тоа се патувања, транспорт, тим, резервни делови, гуми, организација… долг е списокот ако навлеземе во детали.

Но после една година апстинирање од трки, Спиров проговори за motori.com.mk:

Во 2017 стана Вице-шампион на БМУ Европскиот шампионат, на Бугарскиот шампионат и шампион во Романскиот, зошто не продолжи со настапите минатата сезона?

„За сериозен настап на овој шампионат потребни се многу средства, знаете дека финансиска оправданост нема, односно дека немаме парични награди кои колку толку би помогнале. Останува самите да се снаоѓаме за сите средства, а станува збор за најмалку 15.000 евра за целата сезона. Спонзорите се малку, од една страна сум задоволен што ги имам и сум благодарен за поддршката, но секако дека би бил по среќен кога би ги имало повеќе.“

Дали сметаш дека надлежните доволно се грижат за настапите на нашите мотоциклисти?

„Искрено сум разочаран од начинот на кој државата се грижи за спортистите кои ја претставуваат. Доколку некој возач од Македонија настапува на меѓународни трки и притоа има резултат со кој може да се гордее сигурно дека треба да биде поддржан и поттикнат да продолжи со успехот. Кај нас помошта е преку Федерацијата која во рамките на своите можности нѐ помага, но тоа е далеку од она што државата треба да го прави за нас.“

Дали си подготвен за оваа сезона?

„Да! Искрено со нетрпение го очекувам стартот на сезоната и враќањето на патеката.“

Дали ова значи дека се стремиш кон повторување на успехот од 2017 година?

„Како и секој спортист, амбициите се големи, а очекувањата мора да бидат поставени високо. Ќе одам на секоја трка со подиумот во мислите, а шампионскиот пехар на крајот од сезоната би дошол како цреша на шлагот.“

Дали ќе настапиш со истиот мотоцикл?

„Да, повторно ќе бидам на патеките со мојата Aprilia RSV4, мотоциклот е солидно подготвен, јас физички се подготвувам веќе подолго време, од возење велосипед, планинарење, трчање па до мотокрос, затоа и мислам дека оваа сезона со спортска среќа и со Господ напред ќе имаме успешна сезона.“

Кој те помага, на кого би сакал да му се заблагодариш за досегашниот твој успех?

„Би сакал јавно да им се заблагодарам на Мотул Македонија и мојот клуб Ендуро Тим Водно – Скопје кои ме поддржаа и ми помогнаа да се вратам на трките, нивната помош ми значи премногу, а секако тука се и сите мои пријатели кои несебично ме помагаат во рамките на своите можности и кои постојано се тука за мене. Знаете, без спонзорите и пријателите сте само човек кој вози на стаза, јас сум среќен што ги имам и едните и другите.“

Фото: motori.com.mk

Check Also

WRC: Зошто е Рели Мексико едно од најопасните? Он-борд видео Себастиен Ожие

Ова видео е најдобар пример зошто Рели Мексико е едно од најопасните во календарот Ова …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *