Saturday , December 16 2017
Home / Latest Articles / Кружна трка Кичево 2017 – Извештај

Кружна трка Кичево 2017 – Извештај

Изминатиот викенд на патеката во Кичево се одржа првата кружна трка од меѓуклубскиот шампионат во автомобилизам на Македонија во организација на АКК Примо АВЈ

По пауза од една година нашите најдобри автомобилисти се собраа да ја отворат сезоната на кружни патеки, која своето продолжение ќе го има во септември. На натпреварот се појавија 21 натпреварувач, а радува податокот, дека дури четворица од нив се дебитанти, кои за прв пат настапуваат на трка. Тоа значи дека македонскиот авто спорт има иднина, но конечно треба да дојде денот да се решат проблемите во Автомобилистичката Федерација на Македонија и оние кои го уназадија спортот да ги напуштат фoтељите.

И секако дека дебитантите треба да се споменат со цело име и презиме: Александар Димитровски од АКК Автоклиника спорт, син на популарниот Благоја Димитровски – Баги кој оставил и се уште остава значајна трага во авто спортот, Димитрија Лазаревски од АКК Кастум Кар, кој после објавената пензија од фудбалските терени, реши да се префрли на поадреналински спорт, воедно брат на Михајло Лазаревски. АКК Кастум Кар имаше уште еден дебитант, син на популарниот Илија Малинковски – Ики, кој слично како Баги има полни витрини со пехари и признанија, Давид Малинковски и Мартин Ковачевски, претставник на АКК Скопје.

Во класата 1 до 1150 кубни сантиметри на пол позицијата се најде возачот на АКК Никола Карев, Филип Василевски, кој со маестрално возење дојде до убедлива победа. За втората стартна позиција се избори клубскиот колега на Василевски, Никола Попевски, кој имаше извртување уште на почетокот на трката, па борбата за втората позиција им ја препушти на Георгиј Наков-Тота и Димитрија Лазаревски. На крајот на трката Лазаревски стигна на целта пред Наков, Попевски и Димитровски. Трката се возеше на мокра патека, поради дождот кој почна да паѓа непосредно пред стартот на трката.

Во дивизијата 2, каде се најдоа возачите од останатите класи, слично како и на саботните тренинзи, најдоброто време на квалификациите го постави возачот на АКК Никола Карев, Југослав Милошевски, со возилото Опел Корса, од класата 4 до 2000 кубни сантиметри. Меѓутоа на трката Милошевски имаше технички проблеми со возилото, поради што беше принуден да се откаже од трката, а колоната ја поведе Ванчо Мижовски од класата 3 до 1600 кубни сантиметри, кој беше убедлив се до целта. Во класата 3 второто и третото место го заземаа клубските колеги од Примо АВЈ, Дарко Ангеловски и Тодор Исаиловски. Во класата 2, до 1400 кубни сантиметри искусниот Марио Велковски, дојде до победата пред Мартин Ковачевски и Мартин Делев од АКК Кастум Кар. Во класата 5, над 2000 кубни сантиметри победник беше Ненислав Петковиќ од АКК Никола Карев, кој за прв пат настапи со неговото ново возило Хонда Цивик.

Организаторот АКК Примо АВЈ најави интересно продолжување на сезоната, кое ќе го видиме по завршувањето на летните одмори.

Маја Милошевска – Генерален Секретар на АКК Никола Карев

Check Also

Skoda го слави успехот во WRC2 со Fabia Special Edition

Единствено, штета е што ова не е RS модел… Иако во сообраќајот на патиштата Skoda …

One comment

  1. Hristaki Davitkovski

    Mala ispravka…pobednikot vo klasa 3 Vanco Mizovski e clen na Fico 600 klub

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *