Wednesday , October 17 2018
Home / Latest Articles / Маестрално возење на Вуков на Ушче; Од 13-та позиција до прва, но не и до победа…

Маестрално возење на Вуков на Ушче; Од 13-та позиција до прва, но не и до победа…

Изминатиот викенд на уличната патека Ушче во Белград се одржа финалето на шампионатот на кружни патеки во Србија. Младиот Ристо Вуков по којзнае кој пат покажа дека е подготвен за борба за титулата, но надежта за титулата останува за следната година…

Саботните тренинзи ги помина тешко. Пробувајќи нешто поприлично невозможно, тој излета и удри прилично силно, оштетувајќи го автомобилот и задавајќи му напорна задача на неговиот тим за да го оспособи за неделната трка.

Стартувајќи од 13-тата позиција во неделата, Вуков прикажа маестрално возење при што за неколку кругови пристигна до првата позиција, што беше вистински мелем за очи за публиката. Но моторот на автомобилот не издржа до крајот на трката, со што огромната желба за победа на легендарното Ушче, останува за следната година.

„Тргнавме подготвени за победа, кога не сме во борба за титула, тргнавме барем за победа на оваа легендарна патека. Бев многу релаксиран бидејќи немаше што да изгубам. Титулата ни избега од раце, па затоа ми остана да возам за душа, што би рекле. Можеби преголемата желба за победа ми влијаеше на ударот во саботата. На првиот тренинг уште во вториот круг претерав на свиокот „Астерикс“. Сакав да пробам нешто релативно неизводливо, да пројдам „од ќош до ќош“ на Астерикс, но не успеав. Новиот асфалт, контра-нагибот и доцното кочење не ми овозможија да пројдам како што замислив. Не успеав ниту да завртам, туку се удрив директно и многу силно.

Веднаш дотрчаа мои колеги кои ми понудија празна гаража за работа околу автомобилот, иако сеуште не бевме сигурни дали сакаме да започнеме со поправки. Но желбата е посилна од било што, па затоа се упативме да набавиме делови. Гаражата на Вук Раденковиќ не чекаше за работа, за што сум му крајно благодарен. Ги набавивме потребните каросериски делови и амортизери, но немавме време да го провериме моторот дали има некои оштетувања од ударот бидејќи веќе беше три часот наутро, но и не јавуваше некои пореметувања во работењето. Морав да се задоволам со само еден извозен круг и 13-тата позиција од која стартував во класата која броеше 24 автомобили.

Во неделата пред трката беше закажано загревање, па затоа можев да излезам и да видам дали е се во ред со автомобилот. Во тие неколку кругови што ги направив имав подобро време од освојувачот на пол позицијата, додека за трката имав некои претпоставки дека би можел да стигнам до барем четвртата позиција бидејќи сепак, тука возат многу квалитетни возачи, но и 24 возачи се баш голема гужва на оваа патека. Се ми беше како на видео игра, она кога е вашиот ден, ме разбирате. Веќе во петтиот или шестиот круг бев на втората позиција.

Воопшто не размислував на возачите позади мене, а после два круга дојдов до актуелниот шампион Часлав Тошиќ, кој ме пропушти бидејќи реално не мораше да ризикува, затоа што требаше само да ја заврши трката за да ја освои титулата. Само што го пројдов, нешто пукна и автомобилот почна да чади. Излегувајќи од автомобилот се дерев на цел глас бидејќи ми дојде преку глава од вакви механички проблеми. Но во еден момент ја слушнав публиката како аплаудира, а неколку моменти подоцна сфатив дека е за мене. Никогаш нема да го заборавам тој момент и таа мала, но многу голема поддршка која ми дојде доста смирувачки. Се сомневаме дека овој дефект е последица на саботниот удар, но така требало да биде, нема назад.

Плановите за понатаму ми се да возам на Скопски Круг, а можеби и 24 часовна трка на патеката Адриа во Италија. Следната година исто така ќе возам во Српскиот шампионат и не го напуштам додека не се почувствувам задоволен, т.е. дека сум успеал во поставената цел.“ – изјави Вуков за БрзКруг.

Погледнете го ова маестрално возење, затоа што други зборови за објаснување не постојат…

Check Also

WTCR Вухан: Верне победник од старт до цел во првата трка

Францускиот возач Жан-Карл Верне успеа да извојува сигурна победа од старт до цел, откако ја …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *