Monday , June 18 2018
Breaking News
Home / Latest Articles / Перфектен тренинг за Давидовски на Спа; следи Светскиот ендуранс викенд

Перфектен тренинг за Давидовски на Спа; следи Светскиот ендуранс викенд

„Тргнувањето од нула во автомобил со ТЦР спецификации, не ми беше проблем“

Како што веќе најавивме, Виктор Давидовски следната година ќе ја започне еволуцијата во неговата кариера, настапувајќи во Интернационалната ТЦР Серија. За таа цел заедно со него присуствуваме денес на планираниот тренинг пред спектакуларниот тркачки викенд кој следи за неколку дена. Причината за пријавување на оваа 12 часовна трка која се вози заедно со 24h Series на патеката Спа Франкоршамп е Давидовски да се запознае со со автомобил со ТЦР спецификации со кој ќе се справува следната сезона.

Имено на денешните тренинзи Давидовски помина неколку часови позади воланот на Seat Leon V2 TCR кој располага со DSG менувач и можеме да кажеме дека доста добро напредува. Истото го посочи и главниот инженер на Zest Racecar Engineering кој на состанок одржан после тренингот прилично беше изненаден од возач кој прв пат седнува во таков автомобил. Беа извлечени доста информации околу стилот на возење кој го поседува Давидовски и оној кој е потребен за натпреварување во трки на издржливост, за разлика од спринт трките кои се возат 15-тина кругови.

Првиот чекор е направен, Давидовски е доста задоволен од денешниот тренинг:

„Прекрасно е чувството да се биде на оваа легендарна патека. Задоволен сум од тимот како темелно функционира и се грижи за мене. Сепак инженерот и сопственик на тимот е долги години инволвиран во овој тип на натпреварување и пристапот му е темелен и детален. Тоа мене ми одговара бидејќи и јас сум истиот тип на човек, бидејќи само така може да се напредува во секој спорт, не само во овој. Извозив голем број на кругови при што доста научив за овој автомобил, повеќе од доволно за прв пат. Не успеав да склопам брзи кругови бидејќи имаше огромен број на цивилни автомобили на патеката, но сепак за прв пат требаше само да се запознаам со патеката и автомобилот, што го постигнав.

Прв пат волку време возам тркачки автомобил со турбо полнач, а поради огромната разлика со атмосферски мотор од почеток работите одеа малку полека. Сепак нови сме во овој свет и мораме полека и детално да навлегуваме. Спа Франкоршамп е доста тешка и техничка патека, но секоја патека си има своја тежина, а целта на мојот тим е да присуствуваме на што повеќе вакви тренинзи и трки оваа година, додека да пристигне автомобилот Honda Civic TCR со кој ќе се натпреваруваме следната сезона во Светскиот шампионат ТЦР. Ми се допаѓа енергијата, патеката, луѓето околу мене, сето тоа придонесува за учење и постигнување на добри резултати.“ – изјави Давидовски за БрзКруг.

Во следните неколку дена планирани се дополнителни проверки и прилагодувања на автомобилот, за во петок официјално да започне викендот со првите официјални тренинзи и квалификации за стартот на трката во сабота. БрзКруг се наоѓа на Спа како дел од тимот на Давидовски, па затоа очекувајте навремени информации од местото на случувањата на легендарната Ф1 писта.

Check Also

MotoGP Барселона: Повторна доминација на Лоренцо, Маркез и Роси без решение

Хорхе Лоренцо извојува уште една значајна победа по ред на патеката Каталуња во Барселона, тргнувајќи …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *