Wednesday , December 12 2018
Home / Latest Articles / Скопје Круг – Ноември 2018: Мајстории по дождливо време низ Скопските улици (Извештај)

Скопје Круг – Ноември 2018: Мајстории по дождливо време низ Скопските улици (Извештај)

Денес на познатата патека пред Македонска Телевизија се одржа последната трка од Македонскиот шампионат на кружни патеки, со која се заврши годинешната сезона.

Бевме сведоци на интересни борби и мајстории по дождливо време, на кое беше доста тешко да се управуваат тркачките автомобили. Секако дека имаше извртувања и тоа повеќе, но целата трка помина во најдобар ред, особено кога станува збор за организацијата – редарите, судиите и полицијата која го обезбедуваше натпреварот.

Во Дивизијата 1 во која возеа популарните Југовци А-1150 можевме да видиме сериозна борба за првата позиција. Да појасниме… прв на целта, со огромна предност пристигна Ристо Вуков, кој оваа трка ја возеше исто така како гостин, бидејќи се натпреварува во Српскиот шампионат со Српска лиценца, што значи дека неговиот пласман не се бодува, но сепак Вуков покажа маестрално возење, со кое ја воодушеви публиката. Но позади него за првата позиција и тоа како се водеше жестока борба помеѓу Филип Василевски и Георгиј Наков…

При крајот на трката Наков доби проблем со автомобилот и мораше да се откаже, при што Филип Василевски ја однесе победата, а со огромен аплауз беа поздравени и двајцата возачи. На втората позиција пристигна Александар Стојанов кој прикажа прекрасно возење, а да не заборавиме дека ова е само втора трка за него. Александар Георгиевски пристигна на третата позиција пред Михајло Лазаревски, Никола Попевски и Ивица Стојковски. Георгиј Наков и Мартин Крстевски не ја завршија трката.

Во Дивизијата 2, возеа класите Е1-2000, N-1400 и N/SP-2000. Единствен SP автомобил беше оној на гостинот од Србија, Владица Рабреновиќ, перфектно подготвена Honda Integra Type-R, а три автомобили од класата N-1400 беа на Мартин Делев, Марио Велковски и Тоше Темелковски. Останатите 13 автомобили пријавени во Е1-2000 класата од кои пет не стартуваа, исто така беа забавни за гледање.

Победата и најбрз круг на патеката (1:39.384) ги однесе Давид Малинковски, кој покажа доста добро возење со неговиот перфектно подготвен автомобил Opel Astra кој беше вистински празник за очи и уши. На втората позиција пристигна Југослав Милошевски, додека Бојан Петрушевски се качи на последната позиција на подиумот.

Даниел Блажевски заврши на четвртата позиција пред Владица Рабреновиќ, додека шести во дивизијата, а прв во класата N-1400 заврши Марио Велковски пред Мартин Делев, кои исто така покажаа преинтересна борба за позиција, при што во еден момент двајцата на ист свиок се извртеа, а умешноста беше кој ќе се врати побрзо на патеката за подобра позиција. Делев успеа прв да се врати, но Велковски подоцна да ја врати првата позиција.

Александар Ангеловски заврши на осмата позиција во втората дивизија, додека Тоше Темелковски беше веднаш зад него на деветтата позиција и трета во групата N-1400. Дејан Георгиевски, Дејан Чоловиќ и Бојан Тодороски завршија на 10-тата, 11-тата и 12-тата позиција (7,8,9 во Е1-2000). Урош Бркиќ, Марко Мишевски, Александар Димитровски, Алекса Радојковиќ и Димитриј Кимовски не стартуваа на трката.

Во третата дивизија учествуваа автомобили од групите Е1-1600 и Е1+2000. По победа во класата Е1-1600 дојде гостинот од Србија, легендата на Српскиот и Југословенскиот автомобилизам Дејан Илиќ попознат како „Џенинкс“, со неговиот автомобил Југо, но поради дефект во последниот круг, не успеа да дојде до посакуваната победа. На првата трка оваа година на оваа патека, тој имаше проблем со моторот, додека овој пат полуосовината на неговиот автомобил не издржа.

Победата ја однесе Филип Џуклески, додека на втората и третата позиција од класата Е1-1600 завршија гостинот од Србија Боривоје Гајиќ и домаќинот Орхан Амет. Како четврти во дивизијата и прв во класата Е1+2000 заврши Даниел Младеновски, пред Ненислав Петковиќ и Даниел Симиќ кој заврши осми во дивизијата, но трет во класата Е1+2000. После оваа трка следи зимска пауза, а од другата година очекуваме големи промени за кои е сеуште рано да се зборува.

Целосните резултати погледнете ги на следниот линк:

http://racehero.io/events/skopje-krug-2018/results#?time=1542455401800

Check Also

WTCR: Hyundai ги потврди четирите возачи за следната сезона

После кратките шпекулации за тоа кој ќе биде дел од силниот тим кој победува, сега …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *