Saturday , October 31 2020
Home / Latest Articles / Филип Џуклески со вице-шампионска титула во корона сезона

Филип Џуклески со вице-шампионска титула во корона сезона

Македонскиот натпреварувач Филип Џуклески одамна и е познат на Македонската автомобилиска публика, но воопшто не е експониран во јавноста. Целта не му е таа. Целта му е што повеќе тркачки километри и искуство позади волан на тркачка патека.

Тој оваа година требаше да започне една доста интересна кампања со најмалку седум учества на ридски трки во рамките на Централно Европската Зона на натпреварување, со старт на ридската трка во Котор, но цело тоа возбудливо патување престана уште пред да започне поради пандемијата од Ковид-19 која ја зафати целата планета.

Утешна прилика му беше учество на државниот шампионат на кружни патеки во Република Србија, па затоа со неговиот автомобил (Yugo Е1-1200 се натпреварува во класа Е1-1400) на кој посвети доста внимание околу подготовките во текот на минатата есен и зима, стана член на АМСК КВ рејсинг од Краљево и започна борба со поголема конкуренција, како и неколку други македонски натпреварувачки кои настапуваа во соседна Србија во минатите години. На крајот си дојде дома со вице-шампионска титула, која е апсолутно неважна во споредба со искуството кое го стекна во текот на кратката „Корона Сезона“.

Искуствата на Џуклески од оваа сезона, ВИ ги пренесуваме во целост во неговата изјава подолу:

„Оваа натпреварувачка сезона за мене лично требаше да започне со трката во Котор, Црна Гора, ридско-брзинска трка од календарот на FIA CEZ (Централно Европска Зона). Во однос на финансиите (комплетно лични) и плановите уште пред да настане кризата со Ковид-19 вирусот низ светот па и кај нас, намерата беше да земам учество на барем седум (7) од вкупно запишаните петнаесет (15) натпревари во календарот за 2020-та година.

Како што се сменија глобалните планови на повеќе полиња, исто така и моите планови за настап на овие натпревари останаа само сон за некоја следна сезона. Сепак потребата за адреналин не остана скротена. Возилото како и во неколкуте минати години, во рамки на можностите, е подготвено навреме пред почетокот на пролетта. Ја користам есента и зимата за работа на истото и подготовка за следната сезона иако не знам дали воопшто ќе ја има.

На овие турбулентни простори многу поважни прашања не се одговорени или затворени, до пред некоја година немавме пренос ниту на Ф1 на ТВ екраните, па официјалниот календар објавен од федерациите во околината општо ги земам со резерва.

Мојата приказна во и околу авто натпреварите е долга и широка, но ќе се обидам да ви ја објаснам накратко.

Некој ќе праша, зошто не возам под задкрила на Македонската федерација и не ги бранам боите на нашата држава? Тука најпрво би го демантирал секој што ќе помисли дека било каде и било кога ќе возам под знаме на друга туѓа држава, за мене боите се единствени, црвена и жолта, немаат цена и секогаш и секаде единствено ќе бидам претставен како Македонец.

Вториот дел, оној зошто не настапувам на натпреварите кај нас и надвор како член на Македонската федерација е малку повеќе комплициран за објаснување, но еве да пробам да ви го доловам моето видување на нештата. Моменталното раководство на истата има за цел да го доведе овој спорт во нашата држава до дното. Нашата федерација е водена од комплетно истрошен кадар кој не е способен да ја извршува функцијата за која е поставен и сето тоа личи на еден голем циркуз во кој ние, возачите, оние „обичните“, сме главните заморчиња, тркачите, за оние малкумина со ситни и приватни лични интереси, можеби финансиски, воопшто не е важно, но јасно е веќе одамна дека не им е спортот на првото место.

Не би сакал да навлегувам во политички моменти, ниту некого лично да навредам, но овде, во овој циркуз, се ми личи дека некој лечи комплекси. Реални шанси за успех и вреднување не постојат. Во 2018-тата година бев прогласен за Шампион на ридски натпревари и вицешампион на кружни патеки, во бројна и силна конкуренција, но секако некој реши истото да пробува да ми го одземе или воопшто да не го вреднува. Затворени во еден тоталитарен противуставен статут, заштитени како „бели мечки“, функционираат неколумина како во приватна фирма, со нула (0) демократија. Во последната сезона ова е и посебно изразено, распишаните шампионати на Република Македонија се доведени до едно толку многу ниско ниво и вратени во времето пред 90-тите, далеку пред онаа златна ера во автомобилизмот (барем од кажувањата на постарите, сепак тогаш јас не сум бил ниту роден).

Кога веќе плановите се поместија на неопределено со настапите на натпреварите од FIA Hill-Climb CEZ календарот, следната солуција после укинување на задолжителните периоди поминати во карантин, остана размислувањето за настап на дел од натпреварите од изменетиот календар на Државниот Шампионат на ридски патеки на Република Србија. За жал, повторно, ситуацијата со границите, транспортот, комуникацијата и сличните потешкотии кои произлегоа од навистина сериозната здраствена ситуацијата со Ковид-19 вирусот, која јас лично ја прифаќам навистина сериозно, почитувајќи ги препораките на СЗО и Министерството за Здраство, решив дека подобро би било да почекам на некои подобри моменти, па така и таа опција набрзо отпадна.

Шампионатот пак на кружни патеки на Република Србија првично беше планиран да брои пет (5) натпревари кои би се возеле на патеката во Краљево (Берановац), Бања Лука (Залужани), Чавле-Ријека (Гробник), Белград (Ушче) и Нови Сад (Мишелук). Секако оние натпревари кои беа закажани на патеките надвор од државата (Р. Србија), многу набрзо беа најавени најпрво за одложени, па потоа и откажани. Останаа само три (3) натпревари кои се минимумот за шампионатот да има можност воопшто да се одржи и воедно да биде прогласен. Истиот започна со трката на Берановац, според планираното на датумите 18-20.06 и истата успешно беше завршена.

За жал, јас не бев во можност да настапам на истиот во тој период, поради веќе добро познатите причини. Следниот натпревар беше закажан за Ушче (Белград) во деновите 21-23.08, но истиот беше одложен за и со големи напори да биде оранизиран на 13.09 кога веќе и бев подготвен за настап. На натпреварот на добро познатата патека Ушче, која воедно и беше запишана во календарот на FIA CEZ Circuit, настапивме двајца Македонци, јас со Српска лиценца под федерацијата САКСС и колегата, а пред се добро почитуван пријател Димитриј Кимовски кој верувам дека единствено од оправдани финансиски причини, последните две години настапува под име на Македонската федерација. Во кратот период, се оранизиравме логистички, со позајмено возило од Дејан Саздовски – Дени (поранешен натпреварувач) и изнајмена приколка, заминавме да направиме што подобар резултат. Натпреварот го завршив на втората позиција веднаш позади Зоран Јаблич и со тоа ги освоив првите осумнаесет (18) бодови во оваа сезона, додека Димитриј славеше победа во Отвореното Меѓународно Зонско Првенство на Србија со дваесет и пет (25) бодови.

Полни со елан и покрај желба за сон после напорниот викенд, под имрепсии од одлично завршениот натпревар веднаш размислувавме за следните чекори, односно натпревари. Од финансики причини возилата ги оставивме во сервисот на нашиот пријател Александар Миркович – Пакса (во близина на Крагуевац) знаејќи дека натпреварот на патеката Мишелук во Нови Сад се откажува поради здравствената ситуација во тој дел од Србија и се закажува двојна трка на патеката Берановац, Краљево за 25-27.09, пред најавата за можност од зголемување на бројот на заболени од вирусот Ковид-19 како последица на нов можен бран предизвикан од временските прилики.

Планот во меѓувреме се промени со оглед на тоа што Димитриј имаше еден несакан тркачки пех и сериозно го оштети своето возило на ридско-брзинскиот натпревар на патеката Авала во Белград кој се бодуваше во календарот на FIA CEZ Hill-climb, во обид да стигне до првата позиција. Тогаш знаев дека останувам сам да настапам на Берановац во потрага по нови возбудувања, нови предизвици, во потрага по адреналин и добра трка. Искрено заминав без било какви очекувања.

Патеката ја возев за прв пат, истата е сериозно техничка патека на која се достигнуваат големи брзини, во некои класи и преку 220км/ч, а со самото тоа расте и ризикот кој не дозволува премногу „експериметирање“ во возењето, бирањето идеални линии и слично. Научив дека возилото и не беше баш најдобро подготвено за настап на гореневедената патека од аспект на сетапот и дека тешко ќе биде да се стигне до добри резултати. Некои работи едноставно мора да се искусат и не се учат од видео или математичко пресметување.

На првиот натпревар во саботата 26.09 во конкуренција од пет (5) возила во мојата класа успеав да го завземам второто место, по дефект на возилото на Миодраг Нешич, кој во тој момент за мене и реално беше недостижен. Но, што е, тоа е, сепак во една трка се важни многу повеќе аспекти, а пред се да се помине линијата на целта. Како што ме подучи високо почитуваниот постар пријател Дејан Илич – Џенинкс, оваа патека е многу тешка за возилото и во некои моменти бара „паметно“ возење, односно без премногу форсирање на истото и водење често до неговите лимити, доколку целта е качување на подиум, за што и го послушав. Со тоа освоив нови осумнаесет (18) бодови, по што од четвртата (4) позиција во генералниот пласман се искачив на втората (2) веднаш позади Ненад Савич. Морам да напоменам дека возилото на Ненад е комплетно подготвено во неговата гаража и е едно од најкомпактните, најсилните, едноставно врвно функционално, со одлична суспензија, кое веќе е долгогодишен шампион во повеќе дисциплини во класата Е1-1400.

Вториот и последен натпревар го обележа веројатно стартот. Поради тактизирање со пневматиците, од аспект на тоа што патеката сериозно ги истрошува, а имав само четири (4) нови, на тренингот морав да користам стари кои беа во солидна состојба. Сепак годините си го прават своето и со истите се квалификував на четвртата позиција, возејќи околу четири (4) секунди поспоро време од саботата. Знаејќи дека моето возило е послабо подготвено во аспект на перформансите на моторот (подготвено е за во класата Е1-1200, која за жал во Шампионатите на САКСС не постои), пред се од конкуренцијата, а по добриот старт во саботата кога успеав да поминам три возила до првиот свиок, знаев дека единствен начин да го поминам конкурентот пред себе, е да се повтори истото.

Веројатно имав повеќе концентрација на стартот или пак можеби едноставно среќа од конкурентот Милош Милошевич, тоа и се случи, најпрво со „заеднички сили“ поминавме двајца возачи од посилната класа Е1-1600, а потоа пред самиот свиок успеав да го поминам и Милош. Тука би сакал да се извинам на г-динот Милутин Караџич, кој иако не беше дел од мојата класа и не ми менуваше ништо позицијата со него во однос на бодовите, го држев на позицијата позади себе најдолго што можев како би го чувал конкурентот Милош подалеку од позиција да ме загрози. Сепак во еден момент на најдолгиот дел од патеката неизбежно беше да ме помине и да ја изгубам таа покомотна позиција.

Милош полека ми се доближуваше и во одреден момент успеа да ме помине на истиот дел каде што тоа го стори и Милутин, чувството во моментот е необјасниво, едноставно позади воланот знаеш дека мора да сториш се за да го стигнеш конкурентот и дека тоа нема цена. Тоа се случи веќе во деветтиот круг од вкупно десет кои се возеа, а имав само една шанса за напад, тоа беше првиот свиок учејќи од предходните два кругови возејќи позади него каде би можел да нападнам. Во покасно кочење, но комплетно сигурно, без претерување или хазардерско возење, влегов од внатрешната страна на свиокот веднаш до него, од која знаев дека имам подобар излез поради односот на менувачот и веројатно подобрите пневматици, истиот круг го направив и својот најбрз круг тој ден со што задоволен, со неизмерна среќа, коктел од измешани чувства благодарение на таа некоја чудна хемија на хормони ја видов шаховницата на стартно-целната рамнина и знаев дека тоа е момент за уживање. Тоа ме донесе повторно до пиедесталот, на второто место и нови осуманесет (18) бодови доволни за вицешампионска титула во Шампионатот на кружни патеки на Република Србија во конкуренција од седум (7) натпреварувачи.

Има уште многу да се зборува, но и ова е повеќе од доволно. На самиот крај, неизбежно е да се заблагодарам на сите оние кои беа со мене, до мене и покрај мене во текот на оваа сезона. Секако најпрво сакам да го споменам Бранислав Бане Паунович, кој безрезервно застана позади мене, со доверба, почит и место во својот клуб AMSK KV Racing кој оваа сезона убедливо победи на сите натпревари од овој шампионат и воедно ја освои Шампионската титула во клубска конкуренција на кружни патеки.

Потоа тука голем дел од заслугите припаѓаат на колегата Димитриј Кимовски кој најпрво безрезервно и несебично ги сподели сите свои контакти и пријатели од светот на автомобилизмот во Србија и воедно ме претстави пред мојот клуб AMSK KV Racing, а потоа и беше покрај мене во секој момент кога тоа и најмногу ми беше потребно, организирајќи ги повеќето нешта околу самите настапи на натпреварите. Не би можел тука да ја изоставам мојата фамилија која ја трпеше целата бучава од возилото околу подготовките, мојата понежна половина Александра која секогаш е покрај мене, со многу разбирање, крајно уплашена, не заборави да ме бодри и поттикнува кон подобри резултати. Тука секако помалку заслужни не се ниту Благоја Јошески, Кристијан Василев, Мартин Илиевски, Дарио Бурагев (Тhe Rim Doctor), SFP Tuning Garage, гореспоменатите Дејан Саздовски, Дејан Илич–Џенинкс, Бранислав Паунович–Бане, Предраг Ламбаша, Александар Миркович–Пакса и сите останати кои ми помогнаа на било кој начин, а не намерно сум ги изоставил… Ви благодарам на сите од се срце, искрено и чесно!

Овие пехари дојдоа во нашата единствена Република Македонија, и истото ми претставува посебна чест и гордост кој во моментов како единствен Македонец, настапувам во Српскиот шампионат успеав да стигнам до солиден резултат. Планови за следната сезона сеуште е рано да се кројат, но дефинитивно, ако нешто нешто драстично не се промени ќе продолжам со планот за настап на натпреварите од FIA Hill-climb CEZ календарот или повторно со нови сили, кон подобри резултати со настап на шампионатот на кружни патеки.“ – изјави Џуклески за БрзКруг.

Check Also

WTCR: После доминацијата на Хунгароринг, Хонда ќе добие најголема тежина на Арагон

Münnich Motorsport, ќе мора да додаде максимум тежина на своите автомобили за Арагон овој викенд …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *