Monday , June 18 2018
Breaking News
Home / Latest Articles / Емотивно и детално обраќање на Филип Џуклески после Скопје Круг 2017

Емотивно и детално обраќање на Филип Џуклески после Скопје Круг 2017

После оваа изјава што ја добивме од Филип Џуклески, едноставно нема што да додаваме…

Ова може да го наречеме емотивно обраќање и да го карактеризираме како пример за една изјава. Прочитајте ја во целост подолу:

„Накратко ќе се обидам да ви ја доловам мојата приказна, како стигнав до тоа да учествувам, како заврши и што постигнав на Скопје Круг 2017

После првиот кружен натпревар годинава, организиран на патеката во Кичево, автомобилот речиси комплетно ми откажа љубов. Најпрво почна да откажува суспензијата, за да следи менувачот и финално по откажување на пумпата за масло, моторот се уништи до тој степен што комплетно мораше да оди во канта. Тоа беше голем шок за мене од аспект на тоа што знаев дека пред мене претстојат најавени уште најмалку две кружни трки оваа сезона, а сета оваа љубов кон автомобилските трки ја финансирам исклучиво од свои средства, па така моето учество на истите беше ставено под голем знак прашалник. На вториот натпревар на кружни патеки организиран повторно на патеката во Кичево, за жал не успеав да земам учество, НО гледајќи ги резултатите во живо од натпреварот, морам да признаам со насолзени очи, со уште поголема желба поитав кон склопување на возилото за легендарното Скопје ГП.

Уште веднаш наредниот ден, понеделник, после работното време ги земав работите во свои раце и влегов во гаражата од каде претходно излегов нервозен и депресивен, повторно ме облеа она позитивно чувство на адреналин и ги засукав ракавите. Од она што знаев дека ме чека, работејќи темелно, чисто и концизно, излегоа уште многу непредвидени проблеми кои конечно успевме да ги отстраниме дури во четвртокот, на само ден пред техничкиот преглед. Тука морам да признаам дека сето ова немаше да биде можно и без луѓето кои застанаа позади мене со својата безрезервна поддршка. Најчесто овој пасус оди на крајот, но јас сакам да напоменам дека без нив немаше ниту да почнам да ја раскажувам оваа приказна, па така оваа прилика би сакал да ја искористам како би им се заблагорадил искрено и од срце на Марко Макс како најзаслушен, потоа Дарко Трале, Андреј Madness, Баки и Авто Експерт, сервис XXX, авто делови Ице-Маце, работилница Екштајн, мајстор Тоше, Тони од Жданец, Баба и Дедо, Александар Георгиевски – Саше, Мичони, Симе Бугар, секако моите клубски колеги и клубот АКК „Никола Карев“ од Скопје и сите останати кои ми помогнаа со своето време, друштво, муабет, а посебно мојата понежна половина Александра со своето разбирање и безрезервно бодрење да ја постигнам целта.

На саботниот тренинг единствено што ми остана беше да ја разработам колата, да фатам репери и да пробам да ја увидам слабоста на конкуренцијата. Возејќи од круг во круг го забрзував темпо на возење, најпрво тестирајќи ја издржливоста на возилото, а потоа сопирачките и прилепувањето на пневматиците за асфалтот, за во последните кругови да ми се отвори шансата која ја чекав. Последната, т.н. шикана, пред целта некој од конкурентите ја беше поместил, а помеѓу нас возачите најчесто кажано „ја отворил“, веднаш сфатив дека е време да се впуштам во борба за што повисока стартна позиција. Во само два кругови од осмото место избив на четвртото, што од една страна значеше добра стартна позиција, но од друга многу работа во ноќта, со оглед на тоа што агресивниот Филип Василевски – Пуци се позиционираше веднаш зад мене, па од прилика имав некои слики низ главата што ме чека наредниот ден. Таа непреспиена ноќ повторно работевме на возилото да го подготвиме за вистинска борба и место на пиедесталот. Во неделата ме чекаше сериозен предизвик, а тоа беше стартот. Знаев дека морам да освојам позиција како би имал можност да атакувам на повисоко место со оглед на тоа што бев во сендвич помеѓу двајца добро подготвени и искусни возачи кои нема така лесно да се откажат од својата позиција.

Тука многу размислував за тактиката и таа на крај се исплатеше, за разлика од саботата, ги променив пневматиците на погонската оска од тврда во мека компонента, стартував навремено и брзо и ја добив третата позиција од Димитриј Кимовски. Уште истиот круг, на последниот лакт пред стартно-целната рамнина, после грешката на гостинот од Србија почитуваниот Г-дин Владимир Миличевич успев да избијам на втората позиција. Во неколку наврати се обидов да ја нападнам и првата позиција која цврсто ја држеше мојот клубски колега Георгиј Наков – Тота, но брзо увидов дека тоа нема да биде лесна задача, неговото возило беше одлично припремено, патеката ја имаше одлично совладано, па решив да одам повторно на истата тактика, односно да чекам возачка грешка, во еден круг тоа и се случи, па накратко ја превземав неговата позиција. За жал менувачот закочи и Тота уште истиот круг си ја поврати посакуваната позиција. Сето ова се чини дека најдобро го искористи мојот клубски колега Пуци и не само што успеа драстично да ни се доближи, туку и почна да напаѓа. Во еден момент во зона на кочење, на претходно истурено моторно масло на патеката од некое од возилата кои останаа во дефект, моето возило се излизга на кочење пред последниот лакт и завршив завртен во обратен правец гледајќи се со ривалот очи во очи.

Успеав возилото да го зачувам „цело“ и ја продолжив борбата, но само накратко, Пуци долета со поголема брзина, жеден за победа, двајцата излеговме на правецот еден до друг, тој сепак успеа да ја добие побрзата лента пред шиканата која наидуваше и да се најде во подобра ситуација за кочење и со тоа знаев дека позицијата ми е превземена. Во истиот момент, Тота се лизна на маслото кое беше полеано речиси на сите критични точки и за жал пред време ја заврши трката. Со тоа Василевски изби на првата позиција, а јас ја задржав втората. После тоа единствено ми преостануваше само да ја бранам таа позиција од Никола Попевски – Попе, со оглед на тоа што останаа уште неколку кругови до финишот, а моите пневматици беа речиси целите намокрени во моторно масло. Па така целосно изненаден, но задоволен и со насмевка на лицето го завршив натпреварот на втората позиција.

Сосема накратко на крајот би сакал да дадам еден краток осврт и на инцидентот кој се случи во последната дивизија и во кој сериозно настрадаа неколку официјални лица и искусниот возач Г-динот Урош Бркиќ. Имам информации дека сите повредени се вон животна опасност и се чувствуваат добро. Им посакувам што побрзо опоравување и се надевам дека веќе од пролет, со започнување на новата сезона 2018, повторно ќе се гледаме на патеките. За жал такви настани имало и ќе има, обврска на организаторите е да превземат што е можно повеќе мерки како би ги намалиле можностите да се случат овие немили настани и нивните последици. Сепак овој натпревар е старт, ова е издигнување од седум годишниот мрак, пробивање низ пепелот, признавам и јас како возач увидов некои пропусти, но тоа се минорни нешта кои ќе се решат, се гледа дека овој тим има желба и можност тоа да го стори. Може да се прочитаат доста дезинформации овие денови по нашите портали и сезнајковци по социјалните мрежи, од типот на тоа дека повеќе никогаш немало да има трки повторно во Р. Македонија, па би сакал да ве замолам сите кои ја читате оваа изјава до тука, да не дозволувате НИКОЈ да ви го уништува она за кое сонувате.

Ако вашиот сон се авто трките, бидете сигурни дека ќе продолжиме ова да го правиме за нас, за младите таленти и за публиката, а вратите ќе ни бидат отворени за сите. Па така и покрај проблемите со Автомобилистичката Федерација на Македонија, зад која моментално на раководни позиции седат некрофилски лица кои единствено имаат за цел да го погребаат овој спорт за лични интереси и фамилијарно богатење, морам да напоменеам дека ова беше, сакам и лично да му се заблогарадам на Г-динот Александар Димушевски – Вуле, за безпрекорната организација и да му посакам што поскоро опоравување, а во иднина организација на уште многу автомобилски натпревари, како на кружни, така на брдски, рели, картинг и драгстер патеки.

Веќе е докажано во повеќе наврати дека Р. Македонија има таленти во овој спорт и заслужува максимална поддршка, како од јавните, така и од приватните институции/фирми, со што овие повеќе од 30.000 гледачи би станале 100.000 за неколку години, а Р. Македонија и Скопје Круг, да станат центар за одмерување на силите на Балканските натпреварувачи, па и пошироко!“ – стоеше во обраќањето за јавноста на Џуклески.

Check Also

MotoGP Барселона: Повторна доминација на Лоренцо, Маркез и Роси без решение

Хорхе Лоренцо извојува уште една значајна победа по ред на патеката Каталуња во Барселона, тргнувајќи …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *