Возачот на Suzuki Алекс Ринс победи на крајно драматичната трка на Арагон, откако проблемите на Квартараро му дозволија на Мир да дојде во водство во генерален пласман кај возачите.
И покрај освоената пол позиција Фабио Квартараро не успеа да ја продолжи серијата на квалитетни настапи, со тоа што заврши на 18-тата позиција и го загуби водството во генерален пласман кај возачите.
Иако Вињалес водеше до седмиот круг, тој не успеа да го издржи притисокот, предавајќи го водството на Ринс, кој успеа да го задржи до победа, додека Алекс Маркез дојде до втората позиција пред Мир, кој заврши на последното место на подиумот пред Вињалес кој не успеа да се задржи на подиум.
Петти заврши Такаки Накагами, пред Франко Морбидели на шестата позиција, додека седми, осми и деветти беа Довициозо, Крачлоу и Милер, а топ 10-те ги комплетираше Зарко.
Во генерален пласман за прв пат води Жоан Мир со 121 поени пред Квартараро со 115 и Вињалес со 109 поени.