После подолго размислување, Македонскиот возач Виктор Давидовски и неговиот тимски колега Франко Гиролами одлучија да ја променат долго употребуваната марка Хонда, во Ауди.
Сега тие се наоѓаат во Белгискиот Comtoyou Racing тим поддржан од PSS Racing кој располага со Audi RS3 LMS од најновата генерација, а му се приклучија на долгогодишниот туринг возач Том Коронел.
Минатата година Гиролами се покажа како еден од најдобрите возачи во Европската ТЦР Серија кој имаше две победи и во текот на целата сезона беше претендент за титулата, но на крајот заврши како второпласиран.
Виктор Давидовски направи големо подобрување во неговите возачки способности, а со Гиролами изгледа дека се квалитетен тим. Од почетокот на неговите настапи во ТЦР Европа Давидовски беше позади волан на Хонда, неговата омилена марка, но дојде време за промена. Најдобриот пласман на Давидовски беше четврта позиција на патеката Пол Рикар на почетокот од минатата сезона.
„Најпрво сакам да му се заблагодарам на тим менаџерот Франсоа Вербист кој веруваше во мене и ми даде прилика да бидам дел од овој тим и Ауди како фамилија. Сега имам поголемо искуство и голема е честа да бидам овде и позади волан на Audi RS 3 LMS, заедно со возачи како Франко Гиролами и Том Коронел.“ – изјави Давидовски.
2022 сезона во Европската ТЦР Серија започнува за десет дена во Португалија на автодромот Алгарве, додека потоа следат уште шест тркачки викенди на Пол Рикар, Спа-Франкоршамп, Норисринг, Нирбургринг, Монца и Барселона како финале на сезоната.
