После пополнувањето на последното место во Светскиот туринг куп, сведоци сме на засега голем број на возачи и тимови кои го потврдија своето учество во Европската TCR Серија
Оваа категорија на тркање зема огромен замав, а тоа можеше да се види и минатата година според огромниот број на натпреварувачи. Да почнеме од нашата земја. Македонските натпреварувачи Виктор Давидовски и Игор Стефановски минатата година настапуваа во овој шампионат, додека за оваа година досега го имаме само Давидовски со потврдена целосна сезона. Тој заедно со неговиот PSS Racing тим и оваа година ќе настапат под истиот банер и во ист автомобил, Honda Civic TCR.
Душан Борковиќ, кој минатата година заврши на третата позиција во генерален пласман, оваа година го потврди своето учество и продолжува со Target Competition, тим со кој доста добро се сложуваше минатата сезона. Како тимски колеги ги има Андреас и Џесика Бекмен на кои ова им е прва сезона во TCR Европа, после минатогодишното учество во TCR UK. Сите тројца возачи ќе настапат во Hyundai i30N TCR автомобили.
Следи M Racing тимот кој најави учество со два Hyundai i30 N TCR, додека возачите се Нелсон Панчиатичи и Нејтан Бихел. Интересно е дека овој тим од оваа сезона го води сопругата на Иван Милер, Џастин Моние, а тимот воедно имаше и заедничка програма со Yvan Muller Racing и Cyan Racing минатата година во Светскиот туринг куп.
Максим Поти, кој добро го познаваме од минатата сезона, се враќа и оваа сезона со истиот автомобил VW Golf TCR. Со неговите 19 години и осма позиција во генерален пласман лани покрај таа опасна конкуренција, очекуваме многу повеќе од него оваа сезона. Тој го напушти Comtoyou Racing, за да се врати во WRT тимот со кој има историја, натпреварувајќи се во TCR Benelux во 2016 и 2017, завршувајќи шести во првата и трет во втората година.
За Уругвајскиот возач Сантиаго Урутиа ова ќе биде вистински предизвик бидејќи се префрла од едносед во туринг автомобил, а тоа ќе го направи за прв пат во неговите 22 години оваа сезона позади волан на Audi RS3 LMS со поддршка на WRT тимот, што значи дека ќе бидат тимски колеги со Максим Поти.
Еден од најинтересните тимови оваа сезона е Францускиот Team Clairet Sport. Како возачи се најавени браќата Теди и Џими Клире, додека тимот ќе го води токму нивниот татко Жан-Мари Клире. Планирани се тројца возачи, со тоа што третиот возач ќе биде најавен во блиска иднина.
JSB Compétition, во сопственост на познатиот Француски возач Жулиен Брише се враќа со три автомобили, два Peugeot 308 TCR и Cupra. Мари Бос-Копенс која минатата сезона ја заврши на втората позиција во TCR Europe DSG Challenge, ќе биде позади воланот на Cupra, оваа сезона опремена со секвенцијален менувач, додека тинејџерот Лилу Вадо кој се натпреварува во Peugeot Racing Cup од 2016-тата ќе биде позади воланот на Peugeot 308 TCR. Другиот Peugeot 308 TCR автомобил се очекува да го вози сопственикот на тимот, Жулиен Брише.
Следен возач кој го пријави своето учество е Џон Филипи кој ќе вози нов Renault Mégane TCR автомобил за Vukovic Motorsport, момците кои го конструираа овој француски автомобил, без никаква помош од фабриката. Vukovic Motorsport прерасна во сериозен тим, со тоа што како факт плус е името кое стои на менаџерска позиција, а тоа е Ерик Нев, бившиот директор на Chevrolet Motorsport Europe.
После огромната желба, а воедно и лошото искуство со Alfa Romeo минатата сезона, Џани Морбидели ќе го видиме во Европската TCR Серија со Оли Кангас како тимски колега во WestCoast Racing, во пар Volkswagen Golf GTI TCR автомобили.
Мартин Риба исто така потврди цела сезона во TCR Европа со неговиот Brutal Fish Racing тим. Риба се натпреваруваше во неколку рунди минатата сезона во неговиот Volkswagen Golf TCR, но оваа година се одлучи да го промени автомобилот со Honda Civic Type R TCR за неговата Европска кампања, при што се надева дека оваа сезоона ќе освои поени.
И како најнов пријавен тим е M1RA кој пријави двајца екстремно добри возачи. Лука Енгстлер и Даниел Наџ ќе бидат двајцата возачи за овој тим што претставува вистинско иненадување, но и закана за високите позиции. Тимот кој е воден од Давид Бари и Норберт Михелис, ќе се врати со два автомобили Hyundai i30N TCR.
Засега ова се потврдените возачи, а во блиска иднина очекуваме уште поголем број. Европската TCR Серија станува доста интересна тркачка платформа.