Есапека Лапи извојува неверојатна победа на Рели Финска на само четвртиот настап во WRC класата за тимот на Toyota Gazoo Racing
Ладнокрвноста уште еднаш покажа дека може да помогне за победа. Тоа го докажа Финскиот возач Есапека Лапи кој победи на домашен терен после само четири настапи во WRC класата. WRC2 шампионот од 2016 за прв пат се појави позади воланот на WRC автомобил во Португалија, но веќе вториот пат, тој се искачи на подиум во Италија. Но на домашен терен тој покажа крајно добри перформанси и дојде до победа, бидејќи во ова натпреварување до победа не се доаѓа лесно и едноставно. Во првиот дел од релито тој успеа да му се закачи на неговиот тимски колега Јари-Мати Латвала, а заедно успеаа да направат разлика во споредба со останатите возачи. Кога Латвала се откажа од релито поради технички проблеми при крајот од третиот ден, на Лапи му останаа само 4 брзински испити за да дојде до спектакуларна победа.
Исто така квалитетно возење прикажа и Елфин Еванс кој извози крајно брзо и прецизно на последните брзински испити од третиот ден, а тоа му донесе втора позиција на подиумот. Трет заврши Јухо Ханинен исто така домаќин на ова рели, додека притисокот од Еванс не го издржа Тему Сунинен кој можеше да го пополни целосно Финскиот подиум, но мораше да се задоволи со четвртата позиција. Позади Сунинен, Крег Брин успеа да го донесе неговиот Citroen до петтата позиција после солиднниот континуитет во неговото возење. На шестата позиција заврши Тиери Невил, додека позади него на седмата позиција се најде От Танак. Топ 10-те ги комплетираа Крис Мик на осмата, Дани Сордо на деветтата и Мадс Остберг на десеттата позиција.
Моментално, возачите се наоѓаат на четири рунди до крајот на сезоната, а следно рели на календарот е Рели Германија кое ќе се одржи од 17 до 20 јули.
Фото: RedBull Photography